Португалците бесни на Кристијано: Селекторе, помалку Роналдо – повеќе Португалија

На помалку од два месеци до почетокот на СП во Катар, португалските фудбалски фанови се сериозно загрижени за шансите за добар настап на својата селекција, пред се поради очајната форма во која се наоѓа Кристијано Роналдо. Најдобриот португалски фудбалер влегува во залезот на кариерата и тоа сериозно се одразува на неговите настапи, како за Манчестер јунајтед така и за националниот тим.

Нова потврда за тоа дојде на синоќешниот дуел со Шпанија, на која Роналдо беше очаен на теренот, а потоа видно разочаран по завршувањето на дуелот ја фрли капитенската лента напуштајќи го теренот. Неговата немоќ во дуелите е очигледна, а медиумите и навивачите се погласно бараат селекторот Сантош тоа да го санкционира и да го пресели Роналдо на клупата.

„Помалку Роналдо, повеќе Португалија“, гласеше насловната страница на тиражниот весник „А Бола“, кој во анализата на мечот испраќа гласна порака до селекторот, да ја преземе контролата над репрезентацијата.

„Очигледно е дека Роналдо е тој што одлучува дали ќе игра на некој натпревар или ќе сака да се одмори. Исто така, тој самиот решава дали ќе излезе од терен да биде заменет. Селекторот е нем гледач на целата ситуација и тоа се одразува врз репрезентацијата, не треба да си многу паметен за да го забележиш тоа“, истакна поранешниот португалски репрезентативец Тијаго, кој беше аналитичар за португалската телевизија на последниот дуел со Шпанија.

Навивачите исто така го кренаа гласот против долгогодишниот миленик, гласно порачувајќи дека мора да го промени односот на теренот кога го носи репрезентативниот дрес. Очигледно е дека формата на Роналдо вртоглаво се движи во надолна линија, а останува да се види дали селекторот Сантош ќе има храброст да го лимитира големиот ас, па дури и да го пресели на клупата за резерви за СП во Катар.

Се вчитува...