Португалија ја забележа и третата победа во низа од стартот на квалификациите за ЕП 2024 откако оваа селекција славеше на домашен терен над БиХ со 3-0. Роберто Мартинез има успешен старт на авантурата како селектор на Португалците, кои одиграа уште еден квалитетен меч во кој рутински триумфираа и прокнижија нови бодови за зацврстување на првото место во групата. Во главна улога беше Бруно Фернандеш, кој асистираше до Бернардо Силва за првиот гол на Португалија, пред асот на Манчестер јунајтед самиот да бие два пати прецизно, за убедливи 3-0.
Белгија ремизираше 1-1 на домашен терен против Австрија, за прекин на серијата победи што „црвените ѓаволи“ ја имаа под водство на новиот селектор Тедеско. Австријците први поведоа, но Ромелу Лукаку спречи пораз на домашен терен на белгиската репрезентација со прецизен удар од работ на шеснаесетникот. Среќата им го сврте грбот на Белгијците во самиот финиш, ако се земе во предвид 95. минута кога Тилеманс шутираше фантастично од дваесетина метри, но топката заврши во гредата.
Чешка како гостин славеше против Фарските острови со 0-3, меч на кој двоен стрелец беше Черни, додека Албанија ја искористи предноста на домашен терен за триумф над Молдавија од 2-0, благодарение на головите што во второто полувреме ги постигнаа Асани и Бајрами.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

