Португалија се избори за место во четвртфиналето на Европското првенство кое се одржува во Германија откако по изведување на пенали успеа да го скрши отпорот на жилавите Словенци кои го одиграа еден од најдобрите натпревари во својата историја.
Словенците блескаа на теренот, а на спротивната страна еден од најлошите натпревари во кариерата го одигра Кристијано Роналдо. 38-годишниот ас беше непрепознатлив на теренот, промаши изгледни шанси, а и пенал во 105. минута од средбата.
Поради тоа е мета на жестоки критики од страна на португалските медиуми кои му порачаа дека можеби е подобро и да остане на клупата за средбата против Франција.
„Уште еден лош натпревар на капитенот. Како и во претходниот натпревар така и во овој, а поминува многу време на теренот. Носи лоши одлуки пред голот на противникот, лошо додава топка пред себе, расипа и неколку акции, беше непрецизен во завршницата“
„Има смисла да се постави прашањето дали Роналдо во ваква форма е предност или товар за тимот. Што ќе се случеше да влезеше во игра од клупата свеж додека Словенците беа исцрпени? Тоа никогаш нема да го дознаеме“, се само дел од коментарите на популарните португалски медиуми.
Роналдо е стрелец на 130 голови за Португалија на 211 одигран натпревар, но на првенството во Германија за 366 одиграни минути се уште нема постигнати ниту еден гол од игра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА