ЕКИПА во Гдиња,
Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски
Португалија се уште се надева на пласман во полуфиналето на ЕП во Полска, па избраниците на Руи Жорге најавуваат офанзивна игра и посакуваат да бидат голгетерски расположени на вечерашниот меч против Македонија. Со евентуален триумф, изразен со четири гола разлика, тие ќе ја прескокнат селекцијата на Словачка, која е второпласирана во групата А, со шест бода и гол разлика 6-3.
Португалците засега имаат една победа, и гол разлика 3-3 и со надеж за триумф влегуваат на вечерашната пресметка со Македонија. Но, и нашиот национален тим ја посакува првата победа на европските првенства.
„Секој има право да се надева на победа и добар резултат. Тоа е спортски. Ние си гледаме за нас, посакуваме да прикажеме уште едно борбено издание и да се обидеме да стигнеме до позитивен епилог. Фудбалерите се максимално мотивирани и не се сомневам дека ќе го остават повторно срцето на терен“, изјави селекторот Благоја Милевски на вчерашната прес – конференција.
Да потсетиме, само најдобрата второпласирана селекција од трите групи, ќе обезбеди пласман во полуфиналето на ЕП во Полска, заедно со првопласираните репрезентации. Англија и Шпанија се веќе полуфиналисти. Во групата Ц, Германците се најблиску до пласман во полуфиналето, но и Италија има шанси, доколку ги порази убедливо во меѓусебниот натпревар. Исто така, и селекцијата на Чешка се надева дека може да биде најдобро второпласирана селекција.
Македонија нема шанси за пласман во полуфиналето, со оглед дека има еден освоен бод по две кола, и гол – разлика 2-7.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА