Македонскиот првак Вардар вечерва (21.05 часот) ќе го има својот дебитантски настап во групната фаза од Лигата на Европа. Отвора нова страница во својата историја, но и веќе има завидна репутација на меѓународната сцена. Да го победиш два пати и да го елиминираш Фенербахче, не е тоа мала работа. Го напоменаа и Русите во најавата за вечерашниот дуел.
„Вардар не е нималку наивен ривал, го знаеме тоа. Впрочем, не може секој два пати да го победи Фенербахче и притоа да постигне четири гола. Но, подготвени сме и веруваме во успех“, изјави дефанзивецот на Зенит, Александр Јерохин.
А капитенот на „црвено-црните“, Бобан Грнчаров, најавува уште една храбра игра на својот тим, без респект, и ниту најмал комплекс на пониска вредност, и на вечерашната пресметка против Зенит.
„Ние нема што да загубиме. Направивме историја со самиот пласман, и сега одиме во нови успеси. Верувам дека со поддршката од публиката можеме да му се спротивставиме на Зенит, и да оствариме позитивен резултат“, истакнува Грнчаров.
Тренерот Чедомир Јаневски со сигурност очекува од своите момци агресивна игра, борба за секоја топка. И знае дека Вардар не треба да прими погодок, доколку сака вечерва да оствари позитивен резултат.
„Ова е историски натпревар за Вардар. Но, на теренот ќе мора да останеме смирени и фокусирани. Ќе мора да се сведат на минимум грешките, посебно во одбраната. Во едно сум сигурен, фудбалерите ќе го дадат својот максимум, а знам и дека ќе имаме огромна поддршка од „Комитите“ и од сите вардарци“, изјави Јаневски.
Натпреварот меѓу Вардар и Зенит почнува во 21.05 часот на арената „Филип Втори“, а досега се продадени околу 20.000 влезници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА