После три децении Формула 1 се враќа во Африка?

Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон работи со претставници од Руанда и Јужноафриканската Република за потенцијална организација на Формула 1 трки во Африка. Британецот е категоричен дека е вистинско време за враќање на најпрестижниот мотоспорт на континентот и можноста не може да се игнорира.

Хамилтон беше во Африка за време на летната пауза во Формула 1 и ги откри своите планови на прес-конференција пред почетокот на трката за Големата награда на Холандија.

„Ова е вистинското време, 100 отсто. Тие не можат да продолжат да додаваат трки овде и таму и да ја игнорираат Африка. Сите земаат од Африка и никој ништо не враќа. Трките на овој континент ќе им покажат на луѓето колку е прекрасна и ќе му помогне многу на туризмот. Зошто да не сме на овој континент?“, праша Хамилтон.

Формула 1 ја напушти Африка во 1993 година, кога последен пат се одржа трката за ГН на Јужна Африка во Кјалами. Извршниот директор Стефано Доменикали пред еден месец објави дека Руанда е водечки кандидат за патеката, но допрва треба да се изгради писта. Разговорите ќе продолжат во септември.

Се вчитува...