Новак Ѓоковиќ по само еден одигран сет се повлече од полуфиналниот меч против Александар Зверев на Австралија Опен, по повредата што ја заработи на претходниот меч против Карлос Алкараз.
По мечот, на прес-конференцијата во Мелбурн, Ѓоковиќ одговараше на бројни прашање, но немаше прецизен одговор дали ова му е последен настап на Австралија Опен.
„Не знам… Има шанси, кој знае. Ќе треба да видам како ќе помине сезоната. Сакам да продолжам, но дали следната година ќе имам поинаков распоред, не знам. .. Ги имав најголемите успеси во Австралија, сакам да доаѓам овде. Еве, ако сум здрав, фит и мотивиран, не гледам причина зошто не би дошол, но секогаш има шанса“ – рече Ѓоковиќ.
Новак Ѓоковиќ првпат играше на Австралија опен во 2005 година и оттогаш освои 10 титули.
Што се однесува до повредата која го принуди уште по првиот загубен сет со 6-7(5) веднаш да го предаде мечот со Зверев…
„Не фатив тениски рекет од мечот со Алкараз до еден час пред натпреварот денес. Направив се што можев да ја санирам повредата со руптурата на мускулот. Лекови, протези, физикална работа — тие малку помогнаа денес, веќе до крајот на првиот сет чувствував се повеќе болки и беше премногу за да се справам во тој момент. Несреќна завршница, но се обидов“ – изјави Ѓоковиќ.
Да го добиеше првиот сет дали ќе продолжеше?
„Можеби ќе пробав уште еден гејм, половина сет, не знам… Да го освоев можеби ќе се обидев. Но, стануваше се полошо и полошо, знаев дека ќе биде огромна борба, а да го освоев првиот сет ќе останев физички подготвен и ќе се борев – Господ знае до кога. Но, некако денеска го немав тоа во себе“ – додаде Ѓоковиќ.
Имаше слична повреда пред неколку години.
„Да, скинат мускул. Пред две години можев подобро да се справам со тоа на теренот, тоа не ми пречеше толку многу. Овојпат тоа не беше случај. Во овие ситуации треба да направите се што можете во кратко време и тоа го направив. Имав уште еден ден без натпревар, мислев дека ќе биде доволно, но… Не беше така, за жал“ – објаснува светскиот рекет број седум, и дополнува:
„Ова не е прв пат да се најдам во една ваква ситуација. Тоа е, што е. Повредата е најголемиот непријател на професионалниот спортист. Во минатото се справував со некои повреди кои донекаде ми помогнаа да играм подобро и победам на турнирите, но тоа не беше наменето да биде денес. Австралија засекогаш ќе биде во моето срце како мојот најдобар слем што некогаш сум го играл. Емоционално, тоа е ролеркостер во некои точки од натпреварот, во други чувствувате вознемиреност и треба да се борите со тоа, понекогаш тоа функционира за вас, понекогаш не – зависи и од другиот играч, како се справува со се. Тоа е убавината на овој спорт, на еден поединец. Тој е таков, нема замени, не можам да излезам надвор по првиот сет и да ме замени некој, а јас се одморам еден час и ќе се вратам. Тоа не постои во нашиот спорт. Ако нешто тргне наопаку и не се појавиш, губиш. Но, јас го сакам овој спорт, имам на што да бидам благодарен и многу сум горд“.
Некако, се почесто на овие години доаѓаат повредите?
„Кога ќе се вратам во Европа, ќе се сретнам со физиотерапевтите и медицинскиот тим и ќе се обидеме да видиме што е најдобро за мене за да закрепнам што е можно побрзо. Пријавен сум за Доха за неколку недели, но сега не знам дали ќе играм? Колку сум загрижен поради се почестите повреди? … Сакам да освојам уште слемови и додека се чувствувам дека сакам да се борам со сето ова, ќе бидам таму“ – заклучи Новак Ѓоковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

