Последен поздрав од вардаровите деца до чичко Владо

Денес, нашата најголема река ќе продолжи да зборува за чичко Владо, за човекот кој се вгради во темелите на кошарката и спортот во нашата земја. Уште од 1952година, од почетоците на игралиштето во Градскиот парк, господинот Владо Воиновски, најпрвин како играч, а потоа како претседател на К.К.Вардар го развиваше идентитетот на К.К.Вардар, како градски клуб, спортски колектив кој ќе ја пишува историјата на играта под обрачите, градска приказна која ќе говори за бесмртноста на луѓето кои целосно ќе му се посветат на црвено-црното семејство.

Визијата на чичко Владо за спортски дом стана реалност, а на нас вардародеца аманет да го чуваме црвено-црниот дом. Да ја негуваме љубовта која ја прави оваа заедница толку посебна и привлечна за секој кој несебично ќе и се предаде. Бедемот кој го изгради Нашиот чичко Владо, таму долу, под Калето, ќе остане да го трасира патот на уште многу  генерации Вардарови деца кој ќе го носат црвено-црниот дрес. Млади кошаркари и кошаркарки кои ќе се присетуваат на најсветлата вардарова ѕвезда, на Нашиот чичко Владо, ќе раскажуваат и сведочат за она што значи да си дел од најстариот кошаркарки колектив во земјата.

Што значи да бидеш на браната во која  црвено -црната  боја е синоним за заедништво, посветеност и пожртвуваност, сето она што Нашиот чичко Владо ни го остави. Па овие, речиси 75 години од постоењето на нашето семејство, би биле само бројка, но со она што ни го остави чичко Владо тие стануваат извор на инспирација предодреден за вечно течение. Твојот лик и твоето дело ќе образуваат многу млади спортисти кои од индивидуи ќе стануваат личности со интегритет достоен за црвено црниот колектив. Сликите од твоите солзи радосници за секој успех на К.К.Вардар ќе останат врежани во нашите срца, потсетувајќи не на тоа  што значи да се живее за Вардаровото семејство. Твоето несебично жртвување и визија за автономен развој ќе останат дел од мисијата на К.К.Вардар и парадигма за домашните спортски колективи.

Мостовите кои ги градеше помеѓу бизнис заедницата и спортските организации станаа пример за стопанствениците, насока за тоа како треба да се перцепира спортот и како да се инвестира во истиот. Наративот на фактите и идеалот кои ги оставаш за генерациите кои доаѓаат  е патоказ за идниот развој на клубот. Твојот Вардар ќе продолжи да тече во правецот кој што ти го одреди, а твоето место секогаш ќе биде дел од Дебар Маалските улици,  каде и почна да ја раскажуваш својата приказна, која денес е spiritus movens за нас, Вардаровите деца.

А некаде таму, спроти Градската плажа на кејот ќе бидеме ние, твоите Вардарови деца, сетно присетувајќи се на твоите зборови дека Вардар е предодреден за вечност, се додека Вардаровите деца му се верни.

Вардар течел и ќе тече…

Почивај во мир, чичко Владо.

Твоите Вардарови деца.

Се вчитува...