Последен судиски „танц“ на Александар Ставрев и Дејан Костадинов во Порто

На 12 декември, во Портo, Португалија, нашиот најдобар фудбалски судија, интернационалецот Александар Ставрев и неговиот асистент судија Дејан Костадинов за последен пат во нивната долгогодишна успешна кариера ќе се појават и на меѓународната сцена.

Откако изминатиов викенд и двајцата се збогувааа од домашната фудбалска сцена, од страна  на судиската комисија на УЕФА тие се одредени да го судат натпреварот во шестото коло во Лига на Европа меѓу Порто и данскиот клуб Митјиланд, што ќе им биде последен и на интернационалната сцена. Втор асистент судија ќе биде Гоце Петрески, а четврти судија ќе биде Игор Стојчевски. Поради старосната граница Стaврев и Костадинов ја завршуваат својата блескава кариера судејќи најчесто заедно на фудбалските терени во Европа и Македонија.

На Ставрев, кој е меѓународен судија од 2006 година, мечот во Порто ќе му биде 148  во неговата кариера откако 19 години е на листата на главни судии на ФИФА. Вкупно 14 во Лигата на европските шампиони, 57 во Лига на Европа, 8 во конференциската лига, останатите се на репрезентативно ниво во квалификациите за европското и светското првенство.

Ставрев се уште се сеќава на своето меѓународно деби во далечната  2006 година кога на 3 мај  го судеше натпреварот на финалниот турнир на Европското првенство, играчи до 17 години меѓу Германија и Белгија (4-0). За време на овие успешни и  незаборавни години  минати  на фудбалските терени во Европа, Александар Ставрев и има судено на најпознатите клубови почнувајќи од Барселона, Валенсија, Баерн  Минхен, Јувентус, Челзи, Фенербахче, Галатасарај, Порто, Бенфика, Наполи, Севилја, Фиорентина, Борусија Менхенгладбах… На тој долг список се и репрезентациите на Германија, Франција, Русија, Австрија, Данска, Шкотска… Судеше, на почетокот, со своите помошници Љубомир Крстевски, Марјан Кировски, Гоце Петрески, но најмногу, речиси на сите овие  натпревари што ги наброивме, со Дејан Костадинов, кој на мечот со Порто исто така се збогува со своето бајраче поради старосната граница која важи за меѓународните судии.

Дејан Костадинов последниве десетина години е еден од нашите најдобри асистент судии, кој помагајќи му на Ставрев има добиено многу високи оценки од контролорите на УЕФА. Заедно со него оставија голем белег во судењето не само во Македонија туку и на меѓународната сцена. Костадинов се здоби со лиценцата за фудбалски судија во 1997 година, асистент судија е од 2007, меѓународен од 2012 година. На терените во Македонија, во Првата и Втората лига, бараж средби и во Купот има судено на 512 натпревари. На меѓународната сцена на 102 натпревари. Беше помошен судија на финалниот меч на Европското првенство во Словачка, играчи до 17 години 2013 година, судеше на четири куп-финалиња на Македонија и еден Суперкуп.

М.Мицковиќ

Се вчитува...