Тлото во САД се уште се тресе по вчерашната „бомба“ од Хјустон кој ги опфати и Њујорк, Индијана и Кливленд. Џејмс Харден направи се што можеше и го доби тоа што го посака – трансфер во Бруклин, по кој се отворија многу прашања во поглед кој е добитникот, а кој губителот од мега-трансферот.
Кој што доби?
Хјустон: Виктор Оладипо, Родион Курукс, Данте Егзам и четири пикови од првата рунда (2022, 2024, 2026 од Бруклин, и 2022 од Милвоки), како и четири заменски пикови од првата рунда (2021, 2023, 2025, 2027 година).
Бруклин: Џејмс Харден
Индијана: Карис Леверт, пик од втората рунда (2023 година од Хјустон)
Кливленд: Џерет Ален, Торијан Принс

Хјустон го направи најдобриот можен потег што се откажа од Џејмс Харден и го испрати најкорисниот играч на 2018 година надвор од Тексас. Доколку можат Рокетс да жалат за нешто, тоа е што овој потег не го направија во претсезонскиот период кога најверојатно можеа да земат и повеќе, или подобри играчи од Бруклин. Со заминувањето на Харден, Хјустон влегува во некоја нова ера, а го отстрани и финансискиот товар за дуото Харден-Вестбрук кој за една сезона изнесуваше 82 милиони долари.
„Хјустон едноставно не е доволно добар. Не сме ни блиску до добри. Се гледа големата разлика помеѓу нас и другите тимови во хемијата, талентот, во се. Јасно е, го сакам овој град, дадов се од себе, но дојдовме до точка по која работите веќе не можат да се поправат“ – беа последните зборови на Харден во дресот на Рокетс.
Каква беше тимската хемија говори и односот на Харден кон своите соиграчи, пред се, Демаркус Казанс и Џон Вол, кои беа доведени оваа сезона во Тексас како поддршка за Ол-стар играчот во поход кон неостварената желба – титула.
„Очигледно е дека се работи за непочитување на клубот, но секој има право на свое мислење. Екипата ги осеќа последиците од неговите постапки. Овој е тој гаден дел од бизнисот кој неретко се „става под тепих“. Мора да се соочите со овие работи. Кога заминува некој кој е означен за франшизен играч, обично тие „раскинувања“ завршуваат многу лошо. Харден може да се осеќа како сака околку целата ситуација, но овие 14 момци во соблекувалната не му погрешија ништо. Се што изјави е знак на непочит кон нас, бидејќи се однесуваше апсолутно неправедно“ – изјави Казанс по целата ситуација.
Виктор Оладипо во последната година од договорот, младите и желни за докажување, Родион Курукс и Данте Егзам е премијата која ја доби Хјустон од целата сага. Ретко кога заминувањето на еден франшизен играч се исплати, но Хјустон овој пат доби. Се растерети соблекувалната, нема веќе притисок, а ќе се створи и нова хемија. Единственото „коцкање“ на Рокетс е договорот на Оладипо кој истекува на крајот на сезоната со што станува слободен агент во летниот период, но доколку ја врати „Ол-стар“ формата, заедно со Џон Вол, лесно може да добие максимален договор. Доколку и тоа не успее тука се Вуд, Егзам и Курукс, млади, перспективни играчи кои ќе донесат нова ера во Хјустон.

По долгогодишниот „ребилдинг“ процес, Бруклин се откажа од целиот труд за „инстант“ тим кој доколку не ја донесе титулата во Њујорк во следните две, три сезони целосно ќе пропадне. Доколку Нетс можеа да научат нешто од претходните две сезони на Рокетс, тоа е дека Харден е играч кој сака да ја има топката во свои раце. Тандемот со Вестбрук не донесе плод, а „Брадата“ беше најблиску до конференциско финале со Крис Пол, играч кој го става тимот во прв план. На индивидуален план, Бруклин може да стигне далеку, но како ќе функционира „династијата“, Ирвинг-Харден-Дурант во клучни моменти останува да видиме. Впрочем ова прашање го постави и Лестер Бо Мекејлеб.
Шегите на социјалните мрежи во овој поглед започнаа со самото објавување на трејдот…
View this post on Instagram
Brooklyn adding Harden to the Nets locker room pic.twitter.com/NSCuUYWZvO
— Mina Kimes (@minakimes) January 13, 2021

Доколку индивидуалец може да се смета за победник од целата ситуација, тоа е Карис Леверт, 26-годишниот кошаркар кој покрај бековската позиција може да ја покрие и „тројката“, ќе ја добие слободата која му е потребна, а многу брзо може да „кликне“ со Домантас Сабонис и Малколм Брогдон. Леверт има уште две години од договорот па е „сигурен“ во Индијана, која доби играч налик на Оладипо. За каков играч станува збор говори и изјавата на Стив Неш кој потврди дека Леверт е калибар за стартер, а претходната сезона 26-годишниот кошаркар остваруваше просек од 18.5 поени, 6.0 асистенции и 4.3 скока по натпревар.

Добро во овој трејд помина и Кливленд бидејќи доби два добри играча за ништо. Во Кавс пристигна Џерет Ален, играч околку кој осовојувачот на титулата од 2016 година може да го развива својот ростер во годините кои следат, а го изгуби само Данте Егзам, кој бележеше помалку од четири поени во просек за 19 минути поминати на паркетот.
Гарленд – Секстон – Портер – Окоро – Ален
Оваа петрока изгледа сосема пристојно, и пред се’ има потенцијал за чекор повеќе од борба за влез во плејоф. Со ваквиот развој на работите, не се исклучува опцијата Кливленд за направи голема чистка со „старите“ играчи, Андре Драмонд и Кевин Лав со што би се ослободил простор за 22-годишниот Ален кој имаше одличен почеток на сезоната со просек од 11.2 поени, 10.4 скока и 1.6 блокови по натпревар, но и дел од финансиите за носење на нови играчи.
Губитник од целата ситуација ќе биде Торијан Принс, бидејќи дојде во тим кој нема плеј-оф амбиции и најверојатно поголема шанса ќе дава на младите играчи. Неговата улога во Бруклин не беше значајна, а најверојатно нема да биде ниту во редовите на Кавс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

