Ракометарите на Алкалоид вечерва излегуваат на мегдан на реваншот со АЕК (20.30 часот, СЦ „Борис Трајковски“), во обид во втората година во која учествуваат во меѓународните натпреварувања да стигнат до првиот европски трофеј во клупската историја. „Сино-белите“ од Автокоманда играат извонредно во ЕХФ Европскиот куп од самиот старт на сезонава, а фактот дека во вечерашниот реванш влегуваат со предност од четири гола од Атина само го зголемува оптимизмот дека вечерва ќе биде испишана историја, не само на овој успешен проект, туку и на целокупниот македонски ракомет.
Алкалоид игра импресивно на домашен терен на сите европски натпревари сезонава, па останува само уште серијата да продолжи против АЕК, за печат на оваа европска сезона за паметење.
Кире Лазаров многу добро знае што значи да се биде дел од едно европско финале, па тренерот на Алкалоид умешно го подготви својот тим за пеколот во Атина минатиот викенд. Алкалоид и повеќе од успешно го мина тој тест, a Лазаров е свесен дека работата мора да се заврши на вечерашниот реванш.
„Стигнавме до финале кое е многу значајно за нашиот клуб, но и за целокупниот македонски ракомет. Одигравме еден одличен натпревар во Грција, слободно можам да кажам резултатски и неочекуван. Имаме одлични „плус четири“, момците беа на висина на задачата, она што го договаравме го исполнија и со голема предност влегуваме во реваншот. Од една страна секогаш сум претпазлив знаејќи го нашиот менталитет, ако се знае дека дури 19 играчи од нашиот ростер се Македонци… но од друга страна чувствувајќи ја атмосферата на два дена до натпреварот, треба малку порелаксирано да влеземе во реваншот. Мораме да уживаме… како играч имам одиграно многу финалиња и повеќе ги имам загубено отколку победено (говорам за финалиња од ЛШ), мислам дека тоа искуство ми е драгоцено за да ја подготвиме соодветно екипата. Не сакам играчите да бидат под никаков притисок, не се сомневам дека в недела ќе го дадат најдоброто од нив“, изјави Лазаров во пресрет на денешниот реванш дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

