ЕКИПА во Будимпешта,
Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски
Големо финале, судир на титаните, меч за историја, за публика, но и за лична сатифакција и на едната и на другата страна. Сето ова ќе биде сумирано во последните 60 од оваа сезона во Лигата на шампионите. Вардар против Ѓер, денеска во 18 часот, во „Ласло Пап Арена“ ќе се бори за европската титула. Пред финалето, со почеток во 15.15 часот, поразените во полуфиналето, ЧСМ Букурешт и Ростов Дон ќе го одиграат натпреварот за 3.место.
За вардарки ова е рекорден петти настап на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта, второ европско финале и последен натпревар за овој ѕвезден состав кој од јуни веќе нема да постои. Титулата е нешто што годинава се посакува повеќе од кога и да е, а европскиот подиум е најдоброто место на кое вардарки заслужуваат да го кажат последниот збор.
„ Она што ни сега примарно е да се одмориме и да го донесеме трофејот дома. Сите го поскауваме повеќе од кога и да е! Физички овој меч ќе биде како војна“ – рече Андреа Лекиќ по синоќешната победа на Вардар во полуфиналето против Ростов Дон, за ново европско финале.
За Вардар и за Ѓер ова ќе биде шести меѓусебен дуел во Лигата на шампионите. Во досегашните пет, Ѓер има три победи, Вардар една и еден меч е завршен нерешено. Најважната победа на Ѓер беше во ланското финале (31-30) во кое унгарскиот тим со малку повеќе среќа во финишот стигна до третата европска титула. Единствената победа на Вардар пак беше во четвртфиналето во сезоната 2014/2015 кога вардарки победија во Скопје (24-18), а во реваншот во Ѓер одиграа нерешено (27-27) и го оставија унгарскиот шампион без пласман на Ф4 турнирот во ЛШ. Тоа е прв и единствен Ф4 турнир во ЛШ од вкупните пет изданија на кој не настапи Ѓер.
Во оваа сезона и Вардар и Ѓер се соочуваат со многу проблеми, унгарскиот шампион го мачат повреди, а македонскиот финански проблеми и одлуката соопштена во јануари дека крајот на сезоната ќе биде и крај за Вардар во овој состав. Но, и покрај тоа, во полуфиналето и едните беа супериорни и потврдија дека се моментно двата најдобри тима во Европа.
„Уште еднаш покажавме дека и покрај сите предизвици што ги имавме во текот на сезоната, ние сме силни како тим и ќе останеме заедно. Мислам дека треба да го сториме истото и во финалето и да се бориме до крај“ – вели голманката на Ѓер, Кари Гримсбо.
Кај вардарки веќе и нема дилема дека ќе бидат силни и ќе „гинат“ една за друга до крај. Впрочем, зборовите на Драгана Цвијиќ најдобро ги отсликуваат вардарки на овој последен Ф4 во Лигата на шампионите.
„Одиме на победа! Овде дојдовме за погинеме една за друга, не да мислиме дали имаме сила или не. Ова ќе биде наш ден, ќе дадеме се од себе да го победиме Ѓер и да го донесеме трофејот дома. Мислам дека тој трофеј навистина му припаѓа на Вардар“
Крај на приказната!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА