Последно коло во ПМФЛ, само една непозната: Кој оди во бараж за опстанок?

Денеска се играат четири натпревари од последното 33. коло во ПМФЛ, каде има само една непозната. Дали во баражот за опстанок ќе учествува екипата на Беса, или тоа ќе биде тимот на АП Брера?

АП Брера има еден бод повеќе од Беса, и игра на домашен терен против Работнички. „Романтичарите“ без никаков императив патуваат во Струмица, затоа што се сигурни на третата позиција, и со обезбеден излез во Европа.

Од друга страна, пак, Беса има тешко гостување во Битола кај Пелистер. Ниту „пелистерци“ немаат никаков императив, со оглед дека опстанокот им е веќе загарантиран, а може да паднат само на седмата позиција, што за нив не преставува никаква разлика дали се шести или седми.

Шкендија денеска на домашен терен против Силекс и со присуство на публика ќе ја прослави својата петта шампионска титула. Тетовци уште пред ова коло станаа прваци, направија недостижна предност пред Силекс и сега славјето може да почне во Тетово. Ќе има и присуство на публика, затоа што ФФМ ја укина забраната за навивачи, поради скандалозното однесување за време на минутата молк поради трагедијата во Кочани.

Екипата на Тиквеш игра на домашен терен со Струга ТЛ. Стружани се максимално фокусирани кон финалето на Купот кое се игра во среда, па така се очекува тренерот Илчо Ѓорѓиоски да ги штеди силите за тој натпревар, односно да игра со комбиниран состав. Нивниот противник во финалето Вардар, денеска нема да игра меч и ќе има повеќе одмор. Вардарци требаше да играат против Гостивар, но поради откажувањето на тимот од ПМФЛ, ќе биде слободен.

ПМФЛ. 33. КОЛО

ДЕНЕСКА, 17:00 ЧАСОТ

Струмица: АП БРЕРА – РАБОТНИЧКИ

Битола: ПЕЛИСТЕР – БЕСА

Тетово: ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС

Кавадарци: ТИКВЕШ – СТРУГА ТЛ

 

Се вчитува...