Анге Постекоглу со право беше бесен на своите фудбалери откако Тотенхем загуби од Брајтон со 3-2, за трет овосезонски пораз на „спарси“ во Премиер-лигата.
Овој дефинитивно е најболен ако се знае дека Тотенхем одигра одлично прво полувреме по кое имаше предност од 0-2, за потоа целосно да потфрли во вторите 45 минути и да му дозволи целосен пресврт на гостинот.
„Разочаран сум, апсолутно бесен. Она што го одигравме во второто полувреме е недозволиво, далеку од нивото на кое треба да играме. Можеби се занесовме бидејќи бевме одлични во првиот дел, но она што го видов беше фрустрирачко, тим без борба што како едвај да чекаше да го загуби мечот што речиси го имаше добиено. Без конкуренција, ова ми е најлош поразо откако дојдов во Тотенхем. Јас сум главниот виновник, моја е одговорноста да го решам проблемот… не бевме доволно конкурентни на теренот, не се боревме доволно… а ако не се бориш на терен, не можеш да очекувам резултат“, изјави Постекоглу.
„Спарси“ по овој пораз паднаа на деветтото место на табелата со само 10 бода по првите седум кола, осум бода помалку во однос на лидерот Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА