Анге Постекоглу имаше причина за задоволство откако Тотенхем конечно успеа да стигне до трофеј, во финалето на Лигата на Европа совладувајќи го Манчестер Јунајтед со 1-0.
Ова беше прв трофеј на „спарси“ по 2008 година, прв европски трофеј по пауза од 41 година, па јасно е дека сите во лодонскиот клуб имаат причина за гордост.
„Среќен сум бидејќи знам што значи ова за овој фудбалски клуб. Колку е подолга паузата, толку е поголем притисокот, потешко е да ја надминеш таа блокада и да стигнеш до пехарот. Ова е група на млади играчи и се надевам дека овој пехар ќе им ја зголеми желбата во иднина многу почесто да се закитуваат со трофеи. Знам дека сезонава во Премиер-лигата беше под секое ниво, но ова значи повеќе од се останато“, изјави Постекоглу.
Новинарите го потсетија австралискиот стратег на неговата легендарна изјава дека секогаш стигнува до пехар во својата втора сезона, без разлика во кој клуб работи…
„Ви кажав, тоа и се оствари… се шегувам… мислам дека кога ја дадов изјавата луѓето добија погрешна перцепција. Не стануваше збор за тоа дека се фалам, туку навистина верувам дека ми требаат две години за да го извлечам најдоброто од екипата. Сите можете да видите дека тоа е вистина“, задоволно истакна Постекоглу.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

