Манчестер Сити и Арсенал ремизираа 2-2 во големото премиерлигашко дерби, а во фокусот на јавноста остана ултра-дефанзивната формација на Микел Артета во второто полувреме.
„Топчиите“ останаа со десет играчи по црвениот картон на Тросар, но никој не очекуваше гостите да се бранат со десет фудбалери во својот шеснасетник цело полувреме. Ваквата тактика даваше плод се до 98. минута, кога Стоунс стрелаше прецизно спасувајќи бод за Сити.
Плејмејкерот Бернардо Силва по мечот даде споредба на овој тим на Арсенал со оној на Ливерпул, кој со години беше главен ривал на Сити за трофеите во фудбалска Англија.
„Мислам дека Ливерпул има титула, а Арсенал нема… Ливерпул во времето кога играше на највисоко ниво стигна и до трофејот во ЛШ, Арсенал нема ништо такво… Она што е клучна разлика е што Ливерпул секогаш сака да игра фудбал, доаѓа на мегдан со нас и игра отворен меч во кој победува подобриот тој ден. Средбите со Арсенал никогаш не се такви, бидејќи кога ќе излеземе на терен со нив, само еден од тимовите игра фудбал“, прокоментира португалскиот интернационалец во дресот на Сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА