Потег за респект: Синот на легендарниот Буштур е нов тим-менаџер на кошаркарската репрезентација!

Кошаркарската репрезентација на Македонија од денеска има нов тим-менаџер, откако оваа функција му беше доделена на Борјан Георгиевски, синот на легендата на македонската кошарка, Благоја Георгиевски – Буштур.

Овој потег е уште еден во низата позитивни промени во мак-баскетот, а новиот селектор Марјан Илиевски не го крие задоволството што крај себе како близок соработник ќе го има Георгиевски.

„Буштур беше наша легенда, еден од најголемите македонски кошаркари на сите времиња. Борјан исто така отсекогаш беше голем вљубеник во кошарката, чест ни е што му даваме ваква улога и не се сомневаме дека максимално професионално ќе ги одработи обрските. Идејата е со свежа крв на секое поле кошарката да тргне напред, тоа е наша заедничка желба и оптимисти сме дека ова е првиот чекор на тој пат напред“ – изјави селекторот Илиевски.

Самиот Борјан Георгиевски е презадоволен од улогата што ја добива поврзана со нашата А-селекција.

„Како член на кошаркарско семејство чест ми е што ќе бидам дел од оваа приказна. Благодарност до селекторот Илиевски и до новото раководство на федерацијата што ми понудија една ваква улога, што со задоволство ја прифатив. Со нетрпение го очекувам стартот на оваа заедничка авантура, верувам дека во периодот што следи ќе имаме многу причини за заедничка радост“ – прокоментира Георгиевски.

„Пред нас e период со доста предизвици, лето исполнето со доста обврски, особено оној сегмент кој со себе го носат натпреварите во претквалификациите за пласман на Светскиот Куп во 2027 година. Јасно е дека ни претстои сериозна работа, и се надевам дека во деновите кои следуваат ќе формираме тим за респект. Нема да биде лесно, но нашата работа, освен максимални услови за функционирање, ќе биде да им дадеме максимална поддршка на репрезентативците, се со цел да ја вратиме кошарката онаму каде што и е местото“– дополнува новиот тим-менаџер на нашата машка сениорска репрезентација.

Своите први обврски на менаџерската позиција, Георгиевски ќе ги има со почетокот на подготовките на сениорската репрезентација на Македонија, која во текот на август ќе учествува во втората фаза од претквалификациите за пласман на Мундобаскетот во 2027 година.

Во овој августовски ФИБА „прозорец“, Македонија ќе се натпреварува со репрезентациите на Романија и на Унгарија за едно од првите две места во рамките од „Б“ групата од претквалификациите за Светскиот шампионат.

Се вчитува...