Потоп на Челси на „Иланд роуд“ по фијаското на голманот Менди

Челси го претрпе првиот овосезонски пораз во Премиер-лигата откако избраниците на Томас Тухел загубија на гостувањето против Лидс јунајтед со убедливи 3-0.

„Сините“ барем на хартија важеа за фаворити за триумф, имаа контрола над играта се до големиот „кикс“ на голманот Менди, по чија глупост Лидс поведе преку Аронсон.

Овој гол ги исфрли од ритам гостите, а им даде самодоверба на фудбалерите на Лидс, кои набрзо потоа постигнаа и втор гол преку Родриго. Сите надежи за камбек исчезнаа кон средината на второто полувреме кога Харисон го постигна и третиот гол за Лидс. Мизеријата на Челси беше комплетирана во завршницата, кога Кулибали го заработи вториот жолт картон и беше предвреме испратен на ладење кон соблекувалните.

Брајтон стигна и до втората гостинска победа сезонава, откако по триумфот над Манчестер Јунајтед овој тим денеска беше подобар и од Вест хем (0-2). Мекалистер го отвори резултатот од пенал откако Велбек беше фаулиран од Керер, а конечните 0-2 во второто полувреме ги постави Тросар. Резултатската криза на Вест хем се продлабочи, по три кола „чеканите“ имаат три порази и ниту еден постигнат погодок.

Се вчитува...