Ракометарите на Охрид го победија тимот на Е. Пелистер со 29-25 и го направија најголемото изненадување во ова коло. Овој триумф на Охриѓани на крајот може да биде и одлучувачко за титулата, додека поразот на шампионот доаѓа после само неколку дена по победата над вечниот ривал Вардар во Битола.
Охридѓани одиграа феноменално во текот на целиот натпревар, особено во вториот дел, кога во еден миг имаа и +9 голови предност (27-18) над битолскиот тим. За доминацијата на домашните говори и фактот дека првакот беше во водство само двапати на мечот (3-4 и 4-5), а од финишот на првото полувреме, па се до крајот на мечот водеа охриѓани, кои на крајот доаѓаат до голем триумф.
Со борена игра во одбраната, и со трпелив напад, домашните ракометари успеаја да го земат скалпот на првакот и да му дадат огромна шанса на Вардар во битката за првото место.
Стефан Петриќ со седум голови беше најефиксен кај победничкиот тим. Кај Е.Пелистер Дејан Манасков постигна осум голови.
Во вториот меч одигран денеска, Тиквеш се намачи со вториот тим на Е.Пелистер, и на крајот успеа да слави минимално со 27-26 со гол во последните мигови од мечот, откако битолчани во вториот дел имаа предност и од четири голови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

