Потоп на МЗТ во Белград – без одбрана нема успех на гости

МЗТ Скопје со катастрофална игра во одбраната претрпе убедлив пораз на гостувањето против ФМП Железник, во рамките од второто коло од АБА-лигата (100-72). „Металците“ не одиграа буквално ништо во дефанзива, а особено потфрлија во последната четвртина, кога им дозволија на домаќините со бројни атракции да си поигруваат со македонскиот шампион. Бројот од сто примени поени најдобро ја отсликува немоќта на Александар Тодоров и на неговите избраници да најдат лек за разновидната игра на домашниот состав, кој одигра беспрекорно во нападот во текот на целиот натпревар, но клучната разлика ја создаде во последните седум-осум минути.

МЗТ Скопје добро го почна натпреварот, не дозволувајќи му на Човиќ да влезе во посакуваниот ритам. Згора на тоа, домашниот „џин“ Оџо кон средината на првата четвртина веќе заработи две лични грешки, со што ФМП загуби значаен адут во битката под обрачите. „Металците“ имаа предност од 12-16, но потоа домашниот тим почна да ги реализира своите напади, па набрзина го сврте резултатот во своја полза. Шутот од далечина ги служеше кошаркарите на МЗТ во првиот период, па со тројката на Мекиќ поведоа со 21-24, за со поените на Џенсен (седум за Американецот во првата четвртина) стартниот период да заврши со минимална предност на МЗТ Скопје од 25-26.

fmp mzt bojan trajkovski1

Шутот престана да ги служи „металците“ на стартот од втората четвртина, кога по неколкуте неискористени напади ФМП поведе со 32-26, принудувајќи го Александар Тодоров да го побара првиот тајмаут на средбата. Домашниот тим стигна и до 37-29 пред Дамјан Стојановски да се врати на теренот, потоа во вистински момент се разбуди Гарсија, па македонскиот шампион набрзина се врати во натпреварот (37-34). Сепак, одбраната функционираше очајно во првото полувреме, па ФМП замина на одмор со водство од 51-44, откако домаќините на нешто повеќе од една минута пред крајот на полувремето имаа 49-40 и напад што Човиќ не го реализираше.

Веќе на стартот од второто полувреме српскиот тим за првпат на мечот поведе со двоцифрена позитива (54-44) со тројката на Раданов. ФМП имаше водство од 60-48, но македонскиот состав не се предаде, па набрзина ја преполови разликата на 60-54. Двата тима промашија бројни шутеви до крајот на четвртината, а откако МЗТ не реализираше два обиди да се приближи при резултат 68-61, домашниот состав ја заврши третата четвртина со предност од девет поени (70-61).

fmp mzt lalic protiv ojo

Избраниците на Александар Тодоров имаа неколку шанси посериозно да се приближат при резултат 74-66 но Трајковски промаши две тројки, потоа „металците“ не реализираа уште два напади, па ФМП конечно ја надмина сопствената криза, набрзина постигна четири поени и повторно се одлепи на „плус дванаесет“ (78-66). Следеа две атрактивни завршници на Оџо со што прашањето на победникот беше решено, како што одминуваше времето, така и предноста на домашниот тим беше се поголема, за на крајот ФМП да слави со преубедливи 28 поени разлика (100-72).

Гарсија со 17 и Лалиќ со 12 поени беа најефикасни кај МЗТ Скопје, додека за разлика од првиот мч овојпат на посакуваното ниво не беа репрезентативците Дамјан Стојановски (седум поени, 3/9 од поле) и Бојан Трајковски (10 поени, 2/12 од поле).

Македонскиот првак во рамките од третото коло ќе го пречека тимот на Задар, меч на кој „металците“ очекуваат нов домашен триумф во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...