На иницијатива на Тренерската организација на Словенија и нејзиниот претседател, Руди Брачич, во Порторож, Словенија, е потпишан договор за стручна соработка меѓу Тренерските организации од земјите од поранешна СФРЈ, Србија, БиХ, Словенија, Хрватска и Македонија.
На состанокот во Словенија присуствуваше и претседателот на Тренерската организација на Македонија, поранешниот македонски селектор Ѓоре Јовановски, кој притоа имаше и пооделни средби со своите колеги Иво Шушак од Хрватска, Слободан Павковиќ од Србија, Мунир Таловиќ од БиХ, како и домаќинот Руди Брачич. На потпишувањето на договорот присуствуваше и Потпретседателот на европската тренерска организација, Фреди Фиорентини, кој даде голема подршка за овој вид на соработка помеѓу тренерски организации.
На настанот присуствуваа и претседателот на Словенечкиот фудбалски сојуз, Раде Мијатовиќ и потпретседателот, Миран Јарц.
Договорот за соработка се однесува на размена на стручни кадри за потребите на тренерската едукација а посебно во делот на организација на УЕФА Про курсевите, размена на искуства и стручна литература, присуство на годишните семинари за лиценцирање на тренери. Исто така секоја од тренерските организации потписнички на овој договор еднаш годишно ќе биде домаќин на стручен собир.
Сите тренерски организации се согласија дека потпишувањето на овој Договор за стручна соработка не смее да остане само на хартија туку треба да биде почеток на една одлична соработка со една цел – подобрување на стручноста на тренерите на овие простори, а со тоа и подобрување на фудбалската игра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА