Потпишан меморандум за соработка: Македонија и Србија го зајакнуваат партнерството преку спортот

Министерството за спорт на Република Македонија и Министерството за спорт на Република Србија денеска во Белград го потпишаа меморандумот за соработка, кој ќе придонесе за зајакнување на пријателските односи меѓу двете земји преку спортот.

На свеченото потпишување, министрите Борко Ристовски и Зоран Гајиќ, ја истакнаа важноста на овој документ како платформа за размена на искуства, знаења и заеднички активности кои ќе овозможат нови можности за спортистите, спортските организации и заедници во двете земји.

Меморандумот предвидува воспоставување спортска соработката меѓу двете министерствасо приоритет на размената на експертиза во повеќе области. Тука е опфатена институционалната соработка, соработката вообласта на науката и технологијата применета во спортот, спортската медицина, борбата против негативните појави во спортот, организација на спортски настани, обука на спортски специјалисти, програми за поддршка на спортот за инвалиди и спорт за сите, спортска инфраструктура, развој и унапредување на спортскиот туризам и спортот во образовните институции.

Исто така, се предвидува и поттикнување на меѓународната соработка преку заеднички проекти и активности.

„Од оваа соработка ние можеме само да добиеме и како држава и како министерство. Денеска видовме многу работи кои може да ги имплементираме кај нас, да не ги повторуваме грешките што се случувале во минатото. За мене како министер во новото министерство за спорт, ова е една многу успешна и многу плодна соработка. Се надеваме дека низ проектите ќе работиме заедно на вмрежување на државите од регионот преку спортот. Го поканив министерот Гајиќ да дојде кај нас на гости  и ние да покажеме што имаме и како функционира системот кај нас и заедно да работиме на тоа вмрежување за да направиме поголеми резултати“ – изјави министерот Ристовски.

Размена на искуства за унапредување на женскиот спорт ќе биде една од првите сфери на соработка меѓу двете ресорни министерства.

„Кај нас сега е многу битно да го унапредиме женскиот спорт кој е на многу ниско ниво и за почеток ние би сакаледа почнеме во тој дел, да го подигнеме женскиот спорт искористувајќи го знаењето и искуството што го има Република Србија и нејзиниот спорт“ – посочи Ристовски.

Се вчитува...