Потпишано: Покетино три години на клупaта на Челси

Маурицио Покетино е тренерот што ќе се обиде да го врати Челси на победнички по катастрофалната сезона на лондонскиот клуб, откако Аргентинецот веќе го потпишал и договорот со сопственикот Тод Боели. Уште пред извесно време беше јасно дека токму Покетино е избраниот тренер од страна на Боели, за денеска и официјално да биде потпишан договорот за тригодишна соработка. Како што е најавено, официјализацијата од страна на клубот ќе следи до крајот на денот, по одигрувањето на последниот премиерлигашки натпревар за сезонава против Њукасл.

Маурицио Покетино е без клуб цела една сезона, откако беше отпуштен од раководството на ПСЖ по неуспехот да го одведе тимот до трофејот во Лигата на Шампионите. Преселбата во Челси ќе претставува камбек на аргентинскиот стратег во Премиер-лигата, каде најпрвин седеше на клупата на Саутемптон, а потоа и на Тотенхем, клуб со кој стигна до финале во ЛШ, но не успеа да освои ниту еден трофеј, по што во 2019 година доби отказ.

Челси моментно е 12. на табелата и може да стигне максимум до 11. позиција, што во секој случај ќе биде најслаб пласман на тимот во последните 27 сезони. Тод Боели во изминатиот период потроши повеќе од половина милијарда евра на засилувања, тренд што се очекува да продолжи и под водство на Покетино, кому му биле ветени 200 милиони фунти (плус сумата од продажби) за ангажман на нови играчи во тимот.

Се вчитува...