Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми побарал заминување од Динамо Загреб, пренесува ексклузивно „Гол.хр“.
Адеми денеска ги посетил просториите на „модрите“ барајќи исписница од клубот, разочаран и лут од односот кон него од стручниот штаб пред се тренерот Анте Чачиќ и челниците на клубот.
„Што и како се зборувало на меѓусебниот состанок не знаеме точно, но знаеме дека Адеми ги напуштил клупските простории лут како рис“ – пренесува „Гол.хр“.
По ремито со Горица почнаа потреси во Динамо Загреб, со максимална напнатост во соблекувалната, посебно по изјавите од страна на бегалецот Здравко Мамиќ.
Тренерот Чачиќ се правдал пред играчите дека не се вистинити работите искажани од Мамиќ, дека не го избркал Мислав Оршиќ, туку дека му дал шанса да заигра во Премиерлигата затоа што тоа го барал.
„Но, и дека не е вистина дека не мисли добро за некои играчи, посебно за Аријан Адеми… Но по завршувањето на неговиот монолог, Чачиќ го повикал Адеми да каже нешто како капитен очекувајќи поддршка, но брутално се одбил од ѕид… ‘Немам што да кажам’ – рекол Адеми. Чачиќ уште еднаш повторно му дал збор на Адеми, но македонскиот репрезентативец го дал истиот одговор. Чачиќ останал во шок, а играчите занемеле. Веќе подолго време се знае дека нешто не е во ред со односите на релација Чачиќ – Адеми, а сега сето тоа ескалираше“ – пишува „Гол.хр“.
Сосема е јасно дека Адеми веќе има нарушени односи со Чачиќ кои не може да се поправат, но македонскиот репрезентативец е лут и на клубот затоа што не доби дозвола за реализација на трансфер. Во пресрет на преодниот рок на Адеми му беше ветено дека ќе може да го напушти клубот, а откако вчера се појавил со конкретна понуда за трансфер од сериозен клуб, од Динамо Загреб добил порака дека не може да оди никаде. Сето тоа ескалираше до тој степен што Адеми сега бара заминување од хрватскиот шампион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА