Рубен Гарабаја повеќе не е тренер на шампионот Е. Пелистер. После ремито со Алкалоид во македонското првенство и поразот од Загреб во ЛШ, шпанскиот стручњак поднесе оставка од функцијата, а клубот му ја прифати. Гарабаја заминува од Битола пред истекот на договорот.
Клубот веднаш реагираше и го назначи досегашниот директор Звонко Шундовски за в.д. тренер, и тој ќе ја води екипата на дуелот со Вардар.
„Сакам да потенцирам дека по натпреварот со Алкалоид не почувствував поддршка од амбиентот. Очекував реакција во Загреб, но со оглед на тоа што таа реакција не дојде, се одлучив да ја понудам мојата оставка. Сметам дека мое заминување во овој момент ќе предизвика позитивна реакција кај тимот и ракометарите. Сакам да им се заблагодарам на сите ракометари, со кои имам одличен однос, и да им посакам успех во продолжение на сезоната. Голема благодарност до клубот за ова мое искуство и многу среќа во иднина“, изјави Гарабаја пред заминувањето.
Веднаш по оставката, клубот го назначи Шундовски за свој тренер, и ги повика сите навивачи да дојдат и да дадат поддршка.
„Пред клучните натпревари од сезоната 2025/2026, Звонко повторно храбро и несебично ја презема одговорноста за тимот, како и многупати досега кога било најпотребно, сè до назначувањето на нов тренер. Ги повикуваме сите вистински љубители на ракометот, како и битолската јавност, да застанеме обединето зад нашиот клуб во претстојните предизвици. Да покажеме што значи љубов кон клубот, кон ракометот и кон Битола“, стои во објавата на Е.Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

