Потресни сцени на Чаир: Фудбалерите на Шкупи првпат се собраа, но облеани во солзи не можеа да го одржат тренингот (ФОТО)

Потресни сцени денеска на првиот собир на ФК Шкупи по смртта на 25-годишниот фудбалер на клубот Андреј Лазаров.

Од Шкупи првпат денеска, по трагичните случувања во Кочани, се собраа во Чаир да продолжат со подготовките за продолжението од Првата македонска фудбалска лига. Но, во траорна ситуација, жална слика во соблекувалната каде никој од фудбалерите не можеше да ги сокрие солзите по трагичната смрт на својот друга и колега, 25-годишниот Андреј, кој го загуби животот во ужасниот пожар кој ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани и однесе 59 млади животи. И тренингот, во една таква ситуација, беше откажан!

„Со голема празнина и бескрајна болка по загубата на Андреј Лазаров, денес се обидовме да се вратиме на тренинзите на тимот. Сепак, денешниот тренинг беше откажан на барање на играчите! Продолжението на сезоната ќе ни биде најтешко, но ќе се бориме со тоа, и ќе играме во негова чест. Андреј секогаш ќе биде дел од нашето семејство!“ – порачаа од Шкупи.

25-годишниот Андреј, кој е од Кочани, низ актуелнава сезона настапуваше за Шкупи, а претходно беше дел од хрватските прволигаши Горица и Рудеш кои исто така искажаа огромна почит за македонскиот фудбалер. Во младинските фудбалски денови настапуваше за Металург, а во домашното првенство има настапи и за Работнички и Тиквеш.

Се вчитува...