Актуелниот македонски, регионален и европски шампион Вардар потврди дека натпреварите против Нексе во четвртфиналето од СЕХА лигата и првиот од осминафиналниот двомеч против Пик Сегед во Лигата на шампионите ќе бидат без публика поради епидемијата од коронавирус.
„Ги известуваме сите навивачи и симпатизери на РК Вардар дека во следните 30 денови сите натпревари на кои нашиот клуб е домаќин ќе се играат без присуство на публика. Одлуката е донесена од Владата која забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Македонија, во наредните 30 дена како дел од дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на корона вирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство. Истото се однесува за сениорските екипи и сите екипи во младински категории. Поради истата мерка нема да имаат тренинзи и натпревари ниту членовите на Ракометната Академија на Вардар“, стои во соопштението на клупскиот сајт.
Натпреварот со Нексе е закажан за 15. март, додека мечот со Пик Сегед ќе се одигра на 22. истиот месец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА