Потврда на класата: Македонија одамна немала играч како Ненад Димитријевиќ

Македонија одамна не изгледала вака моќно против еден посериозен противник од кошаркарска Европа како што тоа беше случај во Сосновиец против селекцијата на Полска, која на гостински терен беше демолирана со „плус 25“. И колку и да беше очигледен напредокот во одбраната, најголемите заслуги за овој голем триумф одат на адресата на Ненад Димитријевиќ, извонредниот плејмејкер кој светската класа што ја демонстрира во силната ВТБ-лига само ја потврди и во репрезентативниот дрес.

Нено покажа квалитет и на првиот меч со Естонија, потоа и карактер кога и покрај повредата реши да се врати на терен во обид да помогне во зацвршницата. Во Скопје резултатот изостана, но затоа Димитријевиќ го продолжи своето шоу вечерва среде Полска, не само што го наполни кошот на противникот, туку и успеа да ги разигра соиграчите.

Луциден во додавањата, прецизен во влезовите кон противничкиот кош, со беспрекорен преглед на играта и најважно од се – апсолутен лидер на теренот, за кого Полска вечерва не најде одговор, а Македонија се израдува на една убедлива гостинска победа. Бројките говорат се, 32 поени, осум скока и осум асистенции, со што внесе верба меѓу сите кошаркари, дека можат да играат на највисоко ниво и да победуваат во овој квалификациски циклус.

Тоа е факт – Македонија одамна немала играч како Ненад Димитријевиќ, а неговите квалитети даваат надеж дека конечно репрезентативната кошарка ќе почне да ни се движи напред и повторно ќе го видиме нашиот национален тим на едно големо натпреварување.

Се вчитува...