Потврда од Битола: Кузмановски се враќа дома, тој е дете на Пелистер

Филип Кузмановски и официјално е нов член на Е. Пелистер, откако македонскиот првак ги потврди најавите за ангажман на македонскиот репрезентативец кој утрово доби раскин на договорот со бундеслигашот Вецлар.

„Ни претставува особена чест и задоволство да ја информираме јавноста дека од денес нов член на Еурофарм Пелистер е македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски. Процесот на обединување на македонските репрезентативци и квалитетни странски засилувања продолжува и враќањето на нашиот поранешен член е одлука која оди во тој правец“, објави битолскиот клуб.

Овој трансфер претставува камбек на одличниот бек во клубот во кој ја почна кариерата.

„27-годишниот Кузмановски е дете на Пелистер, сите ракометни чекори ги направи во Битола и доби афирмација во нашиот дрес. Потоа се пресели во Металург, кратко играше во Еурофарм Работник, па се одлучи за интернационална кариера. Кузмановски избра германски предизвик и ја искуси Бундеслигата. Една сезона го носеше дресот на Магдебург, па три сезони настапуваше за Хановер, а од јануари годинава го носеше дресот на Вецлар“, се додава во соопштението на „пелистерци“, кои официјалната промоција на големото засилување ја закажаа за 20 ноември.

Се вчитува...