Интер повторно е активен на пазарот во обид да доведе уште најмалку едно врвно засилување, се со цел „нероаѕурите“ предводени од новиот тренер Кристијан Киву да се вратат на тронот на италијанскиот фудбал.
Директорот на „нероаѕурите“, Пјеро Аузилио во интервју за италијанските медиуми обелодени дека Адебола Лукман е прва опција за нападот, потврдувајќи ги гласините дека преговорите со Аталанта се веќе во тек.
„Ние имаме апсолутна почит кон Аталанта, можам да потврдам дека имаше разговори и дека ние ја доставивме нашата понуда. Се надеваме дека овие преговори ќе завршат успешно, не можеме да чекаме вечно и доколку не се договоривме ќе бидеме принудени да се насочиме кон останати опции на пазарот“, изјави Аузилио.
Тој потврди и дека се смирени страстите околу иднината на Чалханоглу и Зомер, откако турскиот ас беше неочекувано критикуван од Лаутаро Мартинез по елиминацијата од клупскиот мундија. Чахланоглу и Зомер во наредните денови беа поврзувани со Галатасарај, но овој тандем по се изгледа ќе остане на „Џузепе Меаца“.
„Никогаш немаше ништо конкретно, новинарите пишуваа најразлични работи, но вистината е дека Чахланоглу никогаш не побара да си замине, а ние како клуб секако не сакаме да останеме без шампион од негов калибар. Имаше различни приказни и за Зомер, но вистината е дека тој останува наш прв голман. Маркус Турам не е за продажба, тој е наш голгетер, а сигурно отанува и Давиде Фратези. Дадовме зелено светло за заминување на Аслани, кому му соопштивме дека по три години во клубот може да си бара нов ангажман“, обелодени Аузилио.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

