Ракометот со години наназад е спорт број 1 во Македонија, па затоа синоќа гласно одекна информацијата што пристигна од Словенија, дека оваа земја планира да организира сениорско Европско првенство во ракомет заедно со Македонија и со Србија.
Словенија и Македонија успешно соработуваа при женското ЕП што исто така се одржа во три држави (заедно со Црна Гора), па сега е покрената иницијатива и за едно големо натпреварување во машка конкуренција.
„Можам да потврдам дека навистина постои идеја што се разгледува. Имавме првичен состанок со луѓето од словенечката и од српската ракометна федерација, знаеме дека следните ЕП се веќе доделени, првото слободно е во 2034 и затоа сакаме уште сега да искажеме интерес, да сториме се што е во наша моќ. Факт е дека сакаме сениорско ЕП во Македонија, но патот е долг… Допрва ќе бидат воспоставени првите контакти со ЕХФ, ќе испратиме писма со намери, со што ќе почне комуникацијата на оваа тема“, истакнува Генералниот секретар на РФМ, Влатко Тасевски, за ЕКИПА.

Првичните разговори меѓу трите национални федерации минале во добра атмосфера, што е најава за успешна соработка…
„Сите сме свесни дека би било одлично кога би донеле едно сениорско Европско првенство на овие простори. Сакаме да направиме се што е во наша моќ за тоа да се случи… Не разговараме во премногу детали, но ние како Македонија баравме да бидеме домаќини на една до две групи, сметаме дека е реално да организираме две групи според стандардите на ЕХФ. Според првите разговори, големото финале би се играло во Белград, како град со најголема сала во која веќе се имаат играно спортски настани од највисок калибар. Ќе повторам, сите имаме желба да успееме во оваа намера, но патот е долг“, потенцира Тасевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

