Столе Димитриевски брани во одлична форма и на стартот од новата сезона, во која Македонецот е меѓу најзаслужните за добрите резултати на Рајо Валјекано. Нашиот репрезентативец пред две години беше поврзуван со Барселона, минатото лето беше споменуван и како опција за Реал Мадрид, јасен доказ дека квалитетите на Димитриевски се високо ценети во шпанските фудбалски кругови.
А бројките од оваа сезона само го потврдуваат тоа – Столе успеа да остане несовладан на половина од натпреварите на Рајо (четири од осум), запирајќи ги налетите на Алмедија, Гранада, Алавес и Кадиз. За споредба, ниту еден голман во Ла Лига нема повеќе „чисти мрежи“ од Димитриевски, а рамо до рамо со Македонецот се Тер Штеген од Барселона и Унаи Симон од Атлетик Билбао.
Дека Рајо нема најцврста одбрана доказ се шутевите во рамките на голот на Димитриевски, па статистичарите пресметаа дека нашиот репрезентативец досега има 30 успешни интервенции (23 од удари внатре од шеснаесетникот, шест од подалеку од 16 метри и еден од одбиена топка). Со тоа, македонскиот репрезентативец повторно е меѓу најдобрите голмани во Ла Лига, повеќе интервенции од него имаат само Јоргсенсен од Вилјареал (35), Ледезма од Кадиз (34) и Симон од Атлетик Билбао (31).
Столе Димитриевски лани имаше девет меча без примен гол, само еден помалку од апсолутниот клупски рекорд на Контрерас од сезоната 1996/97. Сепак, ако продолжи со вакви настапи, Македонецот би можел сезонава да го урне тој рекорд, да испише нови страници во историјата на Рајо, а следното лето зошто да не и да направи трансфер во некој поголем клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

