Значајна вест во европската кошарка, која значително ќе влијае на изгледот на Евролигата следната сезона. Денеска и официјално е потврдено дека Алба Берлин го напушта најдоброто европско натпреварување, по години во кои беше убедливо најслабиот тим на ова првенство.
„Албатросот“ од германската престолнина во иднина ќе игра во Лигата на шампионите на ФИБА.
„Со овој потег, клубот од главниот град на Германија се враќа во европските натпреварувања под ФИБА по 24 години учество во натпреварувања организирани од Евролигата (12 сезони во Евролигата, 12 во Еврокупот/УЛЕБ Купот). Од дебитантската сезона во 1990/91, до крајот на сезоната 2000/01, Алба одигра единаесет сезони во ФИБА натпреварувањата, а најголемиот успех во историјата на клубот го постигнаа со освојувањето на Купот Кораќ во 1995 година“ – се вели во соопштението од Лигата на шампионите.
Дополнувањето на Алба Берлин на списокот на учесници за сезона 10 дополнително ќе го зајакне натпреварувањето во Лигата на шампионите и ќе ја поддржи ФИБА во нејзината визија за реструктуирање на клупските натпреварувања. Оваа вест доаѓа веднаш по заедничкото соопштение на ФИБА и НБА објавено на 27 март за план за истражување на можноста за основање нова професионална машка кошаркарска лига во Европа.
„Со влегувањето во Лигата на шампионите во кошарка, започнуваме ново возбудливо поглавје и одговараме на промените што се случуваат во европската кошарка“ – вели извршниот директор на Алба, Марко Балди.
Кој ќе игра во Евролигата следната сезона?
Европските медиуми со месеци пишуваат дека Евролигата најверојатно ќе има 20 клуба следната сезона, а покрај постојните, најверојатни кандидати за приклучување кон ова натпреварување се Дубаи и Валенсија. Ова најверојатно би значело дека еден тим би морал да се раздели од Евролигата, за да може да игра и победникот на Еврокупот – Хапоел Тел Авив.
Сепак, треба да се има предвид дека уште еден израелски клуб изрази интерес за учество во Евролигата – амбициозниот Хапоел од Ерусалим.
===================================================
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

