ЕКИПА во Вадуц, Лихтенштајн,
Владимир Булатовиќ
Македонските репрезентативци утре ќе имаат повеќе од сериозна поддршка на „Рајнпарк“ стадионот во Вадуц во, се чини, клучниот за нас натпревар за потврда на првото место во групата од Лигата на нациите против Лихтенштајн.
Вообичаено кога се работи за настапите на македонските национални селекции во овој дел од Европа, како што не информираат од Фудбалската федерација на Лихтенштајн, очекуваат повеќе од 1.000 македонски фанови да бидат присутни на натпреварот кој почнува од 20:45 часот. Тоа се главно македонски иселеници од блиските Швајцарија и Австрија кои веќе обезбедиле билети преку онлајн системот за продажба на федерацијата, или во текот на утрешниот ден пред натпреварот ќе пристигнат на истиот.

„Рајнпарк“ стадионот во Вадуц е со капацитет од 5.800 седишта.
И Фудбалската федерација на Македонија ги повика сите заинтересирани навивачи и поддржувачи на нашата репрезентација кои живеат во странство и кои сакаат да присуствуваат на натпреварот дека влезниците се пуштени во продажба преку официјалната страница на Фудбалската асоцијација на Лихтенштајн, www.lfv.li, по цена од 25.CHF за возрасни, 12.CHF за лица од 16. до 20. годишна возраст и 7. CHF за деца.
Домашната федерација го определи Сектор 2 (блок Г и Х) од Јужната трибина на стадионот во Вадуц каде ќе бидат сместени навивачите и поддржувачите на репрезентацијата на Македонија.
Вратите на стадионот од секторот каде што ќе бидат сместени нашите навивачи ќе бидат отворени еден час пред почетокот на натпреварот Лихтенштајн – Македонија, односно во 19:45 часот. Натпреварот започнува во 20:45 часот.
Како организатор на натпреварот, Фудбалската асоцијација на Лихтенштајн го задржува правото за проверка и контрола на податоците од влезниците и споредба со личните податоци поради што неопходно е сите кои сакаат да присуствуваат на мечот да поседуваат лични документи.
Македонија слична поддршка имаше и на претходниот натпревар кој го игравме со оваа селекција во Вадуц, на 24. март минатата година во рамките на квалификациите за СП кога славевме со 0-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

