Повеќе од обична победа – светло на крајот на тунелот (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонија се израдува на кошаркарска победа, во ситуација кога шансите за пласман во следната рунда беа целосно загубени, а сепак радоста по овој позитивен резултат е исклучително голема. Во некои други времиња ова ќе беше чудно, дури и трагикомично, но за жал, во мак-баскетот времињата се менуваа со години наназад, само во надолна линија.

Затоа што сме свесни дека веќе извесно време го допираме дното, почнавме и да тонеме во „жив песок“, а во ситуација кога голем дел од оние кои требаше да бидат стартери имаа најразлични причини да не дојдат, селекторот и стручниот штаб имаа исклучително тешка задача да состават колектив од играчи со лимитирани улоги во клубовите во кои играат со години наназад.

Патот беше трнлив, најдобра слика беше оној пораз во Солнок од истата оваа Унгарија, но денеска се покажа една поинаква Македонија, со играчи со храброст да преземат одговорност, да влезат во дуел, да земат шут, да погодат…

Реално, победата нема никакво резултатско значење. Но е многу поважна од психолошки аспект, затоа што сега овие играчи се свесни дека можат да играат и можат да победат репрезентации од овој ранг. Што е исклучително важно за веќе од ноемвриските претквалификации да ја смениме „матрицата“ и конечно да влеземе во една позитивна серија. Да го оставиме дното зад себе и да почнеме да чекориме напред. Кон светлото на крајот на тунелот што го донесе вечерашниот триумф.

Се вчитува...