Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски ќе го пропушти утрешниот натпревар на Џирона против Ливерпул во Лигата на шампионите, кој се игра од 18:45 часот во каталонскиот град.
Миовски, како што информираа од стручниот штаб на Џирона, заработил повреда на последниот тренинг пред клучниот натпревар од Лигата на шампионите против актуелниот лидер во Премиерлигата.
„Го загубивме Бојанн за утрешниот меч. Тој лошо нагази и го измести зглобот на последниот тренинг. Се уште не знаеме точно за каква повреда се работи. Тој го искриви глуждот. Ова е нешто навистина неверојатно што се случува со бројот на повредени во тимот“ – информираа од Џирона.
Тоа што е познато е дека Миовски со сигурност го пропушта дуелот со Ливерпул утре, а останува да се види дали ќе може да биде на располагање за натпреварот од Ла Лига престојниов викенд.
„Засега не се знае степенот на повредата и направените тестови ќе утврдат колку дена ќе му биде неопходно да закрепне. Во секој случај, бидејќи се работи за истегнување, логично е да нема да биде надвор од теренот повеќе од еден или два натпревари“ – пренесуваат шпанските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

