Повредите прават проблеми: Ефремовски отпадна од комбинација, неизвесен и Младеновски

Македонската кошаркарска репрезентација влезе во завршна фаза од подготовките за предолимпискиот турнир во Талин, а селекторот Јончевски се соочува со нови проблеми поради повреди на дел од кошаркарите.

Виктор Ефремовски поради незгодна повреда ќе мора да мирува околу еден месец и кошаркарот на Гостивар дефинитивно отпадна од комбинација за настап на овој турнир. Згора на тоа, Љубомир Младеновски денеска се пожалил на болка во грбот, воопшто не тренирал, а деталните прегледи ќе покажат колку е сериозен проблемот и кога новиот кошаркар на МЗТ Скопје ќе може да се врати на терените.

„За жал, ситуацијата е таква да мораме повторно да ги чекаме резултатите од прегледите. Во случајот на Ефремовски тие донесоа лоша вест, станува збор за мини-фрактура, повредата не е премногу сериозна, но Викса ќе мора да отсуствува токму во овој месец кога е репрезентативната акција. Ионака имавме огромни проблеми на позициите четири и пет, така што Бубе Младеновски ни е многу потребен, да одигра макар по десетина минути на натпревар. Тој денеска не тренираше, останува да се види колку е сериозна повредата, јасно е дека ќе сториме се за тој да може да ни помогне во наредниот период“, изјави селекторот Јончевски.

Се вчитува...