Најдобриот македонски одбојкар, Никола Ѓоргиев, својата кариера ја продолжува со нова авантура во Јапонија. Сакаи блејзерс е новиот клуб на македонскиот капитен, кој по една година мината во Полска реши да се врати на Далечниот исток, каде остави извонреден впечаток во својата прва епизода, како член на Тореј ероус.
Ѓоргиев во втората година во дресот на Тореј стигна до титулата, воедно се закити и со МВП признанието. Во изминатата сезона тој бележеше одлични игри во дресот на Онико Варшава, што сепак се покажа недоволно за овој тим да се вмеша во битката за титулата во полскиот шампионат. Македонецот пред дваесетина дена објави дека си заминува од Варшава, а од бројните понуди ја избра онаа за враќање во Јапонија.
Претходно, Ѓоргиев го очекува нов предизвик со македонската репрезентација, во рамките од Европската лига, а потоа и во квалификациите за Европското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА