Трендот африкански ракометарки да исчезнуваат за време на големите ракометни натпреварувања продолжи и на овој ракометен мундијал, откако беше обелоденето дека Камерун останал без две репрезентативки за дуелот со Хрватска.
Станува збор за Бенедикт Манга Амбаса и за Маријан Батамаг, кои не се појавиле на појадок утрово, а подоцна е утврдено дека во текот на ноќта ја напуштиле репрезентативната база. Камерунците поради трендот на бегање од државата и барање азил во европски земји организирале и специјална служба за следење на секој чекор на ракометарките, но Амбаса и Батамаг сепак успеале да побегнат.
„Го видов извештајот дека две ракометарки се исчезнати. Информацијата ми е потврдена и од федерацијата, од каде тврдат дека добро внимавале и не се виновни за она што се случило“, изјави камерунската новинарка Леокадија Бонгбен, која од лице место го следи овој ракометен мундијал.
За потсетување, за време на летниот кадетски мундијал во Хрватска исчезнаа дури десет ракометари на Бурунди, кои еден месец подоцна беа пронајдени во Белгија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

