Позитивни вести за повредата на Миовски: Ќе биде подготвен за предсезоната, но не и за Украина и Англија!

Позитивни вести од Шкотска околу повредата на македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, и покрај тоа што, за жал, тешко дека ќе биде подготвен за квалификациските натпревари против Украина и против Англија следниот месец.

Како што вели менаџерот на Абердин, Бери Робсон, за шкотските медиуми, Миовски ќе биде подготвен за предсезоната затоа што повредата не е со таква тежина каков што беше првичниот впечаток.

„Првиот скрининг ни кажува дека има многу помали проблеми од првичниот впечаток. Се надеваме дека не е толку лошо како што се стравуваше. Ќе дознаеме повеќе по специјалистичките прегледи во понеделник, но веруваме дека ќе го имаме Миовски порано во тимот од првично предвиденото“ – вели Робсон.

Од Абердин веруваат дека ќе го имаат Миовски за европските настапи ова лето. А, во понеделник и дефинитивно ќе се знае дали ќе може да биде подготвен за квалификациските натпревари против Украина (16. јуни во Скопје) и против Англија (19. јуни во Манчестер). Иако, јасно е дека таа варијатна, за жал, ќе биде исклучително тешко остварлива.

Македонскиот селектор Боби Милевски списокот за двата јунски квалификациски натпревари за ЕП 2024 ќе го објави на 1. јуни, на кој се очекува да нема некои посебни промени во однос на претходниот собир.

Се вчитува...