Познат составот на Динамо: И Ристовски ќе стартува, Адеми секако незаменлив (ФОТО)

Хрватските медиуми веќе во голема мера го презентираат стартниот состав со кој Динамо Загреб вечерва од 21 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе се спротистави на македонскиот шампион Шкупи на реванш-дуелот од 2. квалификациско коло за ЛШ.

Динамо ќе биде без повредените Јосип Шутало, Махир Емрели и Марко Булат, како и и без Бошко Шутало, но повторно е повеќе од силна комбинација во стартниот состав на Анте Чачиќ кој ќе бара победа во Скопје.

Во почетниот состав, за разлика од пред седум дена на „Максимир“, ќе биде и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски кој според најавите, изненадувачки, се очекува да биде на стоперската позиција, наместо на неговата вообичаена десна бековска позиција. Но, тоа е само според најавите на „Спортске новости“. Капитенот Аријан Адеми, пак, сосема очекувано ќе биде во средниот ред. Адеми е едноставно незаменлива алка во составот на „модрите“.

Победникот од натпреварот меѓу македонскиот и хрватскиот шампион во 3. квалификациско коло најверојатно ќе игра против бугарскиот Лудогорец кој има предност од 3-0 против ирски Шамрок од првиот натпревар од оваа рунда европски натпревари. Поразениот, пак, од дуелот во Скопје ќе се соочи со поразениот токму од пресметката меѓу Лудогорец и Шамрок, што значи најверојатно Шамрок.

ФОТОМОНТАЖА: Спортске/ Јутарњи лист

Се вчитува...