Навивачите на Челси од синоќа имаат причина за славје откако управата на клубот реши да му врачи отказ на Грем Потер. Овој стратег беше жестоко критикуван по катастрофалните резултати што ги бележеше, но сопственик Тод Боели инсистираше да му даде шанса да го разбуди „заспаниот тим“.
Сепак, поразот од Астон вила се покажа клучен за Потер да добие отказ нецели седум месеци откако го напушти Брајтон за да застане на кормилото на Челси. Како прв фаворит за негов наследник се споменува германскиот стратег Јулијан Нагелсман, кој имаше слична судбина во Баерн Минхен. Иако Баварците се во четвртфиналето на Лигата на шампионите и во борба за титулата во Бундеслигата, раководството реши да го смени пред дербито со Борусија Дортмунд и на негово место да дојде Томас Тухел.
Еден од кандидатите за наследник на Потер на местото тренер во клубот од „Стемфорд бриџ“ е и стратегот на Фулам Марко Силва. Лондонскиот клуб игра одлично под водство на Силва сезонава, па тоа е причина Тод Боели да размислува и за него како замена за Потер.
Во игра се и Маурисио Покетино, Луис Енрике, како и стратегот на Ајнтрахт Франкфурт Оливер Гласнер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

