Со комплетирањето на денешното последно коло веќе е познат и конечниот изглед на табелите во групната фаза, со самото тоа и костурот за нокаут рундите кои ќе ги дадат добитниците на четирите билети за фајналфор турнирот во Келн.
Директен пласман во четвртфиналето обезбедија четири екипи, и тоа европскиот првак Магдебург, потоа каталонскиот гигант Барселона, како и Кил и Алборг, тимовите кои беа на првите две места во групата во која македонскиот првак Е. Пелистер не освои ниту еден бод.
Загреб пријатно изненади со пласманот во осминафиналето, каде хрватскиот првак ќе се сретне со Монпелје. Потоа, победникот од овој двомеч во четвртфиналето за ривал ќе го има Кил.
Веспрем и Пик Сегед повторно ќе имаат унгарски битки во Лигата на Шампионите, а победникот ќе води битка за Ф4 потив екипата на Алборг.
Киелце и ГОГ Гудме ќе ги одмерат силите во осминафинален двомеч, од кој победникот ќе излезе на мегдан со Магдебург.
ПСЖ барем на хартија е голем фаворит против Висла Плоцк, но тимот на Раул Гонзалес ќе има тешка задача да обезбеди пласман на фајналфор ако се знае дека во четвртфиналето би го очекувала пресметка со Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА