Познато е колку ќе заработува Шешко во Манчестер Јунајтед

Словенечкиот напаѓач Бенјамин Шешко (22) од денес е нов играч на Манчестер Јунајтед, потврди клубот на својата официјална страница. Младиот голгетер потпиша петгодишен договор, кој ќе го задржи на „Олд Трафорд“ најмалку до летото 2030 година, со опција за продолжување.

Трансферот од РБ Лајпциг е вреден 76,5 милиони евра, а дополнителни 8,5 милиони може да следат преку лесно достижни бонуси. Со оваа зделка, Шешко стана еден од најскапите напаѓачи што некогаш ги донел Јунајтед, а управата верува дека неговата енергија, физичка подготвеност и голгетерски инстинкт ќе го направат клучна алатка во реконструкцијата на тимот.

Според информациите на „Сан“, 22-годишниот Словенец ќе заработува околу 9,6 милиони евра годишно, што го става меѓу седумте најплатени фудбалери во клубот. На врвот на листата останува бразилскиот играч за врска Каземиро со 20,8 милиони евра по сезона.

Интересен детал во договорот е специјалната клаузула – доколку Манчестер Јунајтед обезбеди пласман во Лигата на шампионите, платата на Шешко автоматски ќе се зголеми на 12 милиони евра годишно. Тоа е јасен показател за амбицијата на клубот да се врати во европскиот врв и да ја искористи младата ѕвезда за остварување на таа цел.

Се вчитува...