Барселона ги игра домашните натпревари оваа сезона на Олимпискиот стадион во својот град, бидејќи реновирањето на „Камп Ноу“ е во полн ек. Во овие моменти повеќе не наликува на стадион, туку на големо градилиште, каде секојдневно работат илјадници работници и машини, но од кое на крајот ќе произлезе прекрасна фудбалска приказна.
Каталонците долго време го одложуваа реновирањето на стадионот поради финансиската криза, но лопатите и булдожерите летово конечно пристигнаа на „Камп Но“у и го започнаа проектот за нов изглед на стадионот вреден 1,45 милијарди евра, кој во иднината ќе биде многу посличен на мадридскиот стадион „Сантијаго Бернабеу“, главно поради затворениот покрив.
„Новиот“ „Камп Ноу“ навистина ќе изгледа спектакуларно. Стадионот ќе има повеќе зелени површини, како и повеќе ВИП простор за настани и други клупски потреби. Се предлага и ново трето ниво на стадионот што би овозможило подобра пристапност, поголема удобност и повеќе простор. Иако еден од главните приоритети на изградбата на новиот стадион е одржливоста, која промовира употреба на велосипеди и што помалку автомобили, стадионот ќе има 2.200 паркинг места.
Најголемата промена во изгледот на „Камп Ноу“ ќе биде новиот покрив со 30.000 квадратни метри соларни панели за производство на фотоволтаична енергија и ќе има геотермички систем за далечинско греење и ладење. Според последните информации, проектот на спортско-деловниот комплекс треба да биде завршен во 2026 година, а планот е Барса веќе следната сезона да се врати на свој стадион, но со капацитет од 50 отсто.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

