Познато кога Влаховиќ се враќа во тимот на Јувентус

Директорот на фудбалската стратегија на Јувентус, Џорџо Кјелини откри кога може да се очекува враќање на Душан Влаховиќ на теренот.

Јувентус беше елиминиран од Лигата на шампионите во првото коло од нокаут фазата, по драматични продолженија. Иако „бјанконерите“ победија со 3-0 во Торино, резултатот од Истанбул (5-2) го остави италијанскиот клуб без пласман во осминафиналето, благодарение на головите на Виктор Осимен и Барис Јилмаз во продолженијата.

За утеха, тимот на тренерот Лучијано Спалети може целосно да се посвети на Серија А. Јувентус веќе беше елиминиран во четвртфиналето на Купот на Италија од Аталанта, па фокусот е на освојување на четвртото место што води во Лигата на шампионите следната сезона.

Добрата вест за Спалети доаѓа во форма на враќање на Душан Влаховиќ. Напаѓачот висок 190 центиметри е надвор од терените од ноември поради повреда на препоните за која беше потребна операција, но сега се очекува да се врати во составот.

Поранешниот дефанзивец и капитен на Јувентус, Џорџо Кјелини, сега директор за фудбалска стратегија, откри дека Влаховиќ ќе биде достапен по мечот против Рома.

„Влаховиќ треба да тренира со тимот по натпреварот против Рома и тоа ќе биде дополнителен бонус за крајот на сезоната. Потоа ќе најдеме начин да одлучиме за неговата иднина, но тој е вистински професионалец“, рече Кјелини.

Се вчитува...