Прават ќеиф и кога ќе загубат…„Хероите“ срце оставија против Португалија

ЕКИПА во Гдиња,

Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски

Младата фудбалска репрезентација на Македонија загуби од Португалија со 2-4 во третиот и последен меч на Европското првенство во Полска. Со ефект од два порази и реми против Србија нашите „херои“ го комплетираа настапот на овој европски самит на млади таленти. Покажаа срцем храброст, гордо го носеа националниот дрес и секако заслужуваат честитки. Отсега најголем дел од нив ќе му бидат на располагање на селекторот на А-тимот, Игор Ангеловски, а долго ќе ги паметиме како најсветлата точка во македонскиот репрезентативен фудбал.

mkd-portugal 3

Уште на самиот старт, Португалците тргнаа офанзивно, и поведоа во втората минута. Јури Медеирош изведе корнер од левата страна, а Едгар Ле упати силен удар со глава и ја затресе мрежата на Шишковски.

Возврати Македонија во осмата минута. Ангелов го проигра Радески, кој шутираше од 14 метри, но неговиот удар беше блокиран, а топката заврши во корнер. Зајков се обиде со удар со глава, но над голот. Бобан Николов шутираше од 30 метри три минути подоцна, но не беше тоа голема закана за португалскиот голман Варела.

mkd-portugal 7

Во 21.минута, Португалија поведе со 2-0. Брума доби по левата страна, мина тројца дефанзивци на нашиот национален тим, се ослободи и од Зајков, и со одличен удар го совлада Шишковски. Четири минути подоцна, Пасиенсија беше во убава можност и за трет погодок, по асистенцијата на Брума, но Шишковски спаси сигурен гол.

Во 36.минута, Брума уште еднаш се закани, шутираше од 16 метри, но за наша среќа, крај дирекот. Две минути подоцна, Јури Медеирош упати силен удар, а Шишковски со одлична интервенција исфрли во корнер.

bardi golll

И потоа, конечно блесок и на Македонија. Мурати делуваше по левата страна, центрираше, одбиената топка дојде до Енис Барди, кој шутираше од 25 метри, и успеа да ја затресе мрежата на Бруно Варела. Прекрасен погодок на Барди, втор за него на ова Европско првенство.

На самиот старт од второто полувреме, Јури Медеирош се закани, но беше за малку непрецизен. Но, во 57.минута одлично го проигра Даниел Поденс, кој успеа со брза реакција и шут од непосредна близина да зголеми на 3-1.

Барди се обиде од слободен удар во 61.минута, но Варела беше на вистинското место и успеа да одбрани. По ова Рубен Невеш имаше шанса по корнерот од десната страна, но не беше прецизен по ударот со глава.

Португалците тргнаа во целосна офанзива, но тогаш Македонија возврати со убиствен противнапад. Елмас повлече низ средината, го проигра нововлезениот Кире Маркоски, кој откосо од десната страна го совлада Бруно Варела.

mkd-portugal 6

Но, и Португалија не се откажуваше до крај, со оглед дека мораше да победи со три гола разлика, за да се надева на полуфинале. Брума во првата минута од судиското продолжение постигна гол за 4-2.

Во следниот напад, Диого Жота заработи директен црвен картон, по грубиот прекршок над Ѓорѓев. На крајот, триумф на Португалија, но пирова победа, со оглед дека и тие нема да одат во полуфиналето. Македонија воопшто не разочара, напротив, играа момците на Благоја Милевски до последните атоми од своите сили.

makedonija dd

МАКЕДОНИЈА – ПОРТУГАЛИЈА 2-4 (1-2)

Стадион „Миејски“ во Гдиња. Гледачи: 7.500. Судија: Иван Кружилак (Словачка). Стрелци: Барди 40’, Маркоски 80’ (Македонија), Едгар Ле 2’, Брума 21’, 90’, Поденс 57’ (Португалија). Жолти картони: Бабунски, Муслиу, Шишковски, Барди (Македонија), Пасиенсија, Фигуередо (Португалија). Црвен картон: Жота (Македонија).

МАКЕДОНИЈА: Шишковски, Попзлатанов, Зајков, Бејтулаи, Мурати, Николов, Барди, Бабунски (74’ Маркоски), Радески (29’ Муслиу), Ѓорѓев, Ангелов (57’ Елмас).

ПОРТУГАЛИЈА: Варела, Кансело, Едгар Ле, Фигуереидо, Ребошо (18’ Родригеш), Невеш, Санчес (55’ Хорта), Поденсм(69’ Жота), Брума, Медеирош, Пасиенсија.

Се вчитува...