Лука Дончиќ си замина од Мадрид потпишувајќи договор со Далас маверикс, а челниците на Реал на негово место доведоа нов словенечки ас. Станува збор за Клемен Препелич, кој денеска потпиша двогодишен договор, со што стана прво засилување за „кралскиот клуб“ во овој преоден рок.
Тој ја мина ланската сезона во францускиот прволигаш Левалуа, каде во Еврокупот имаше просек од 15,7 поени по натпревар, со 39% прецизен шут од поле. Реал Мадрид е вкупно осми клуб во кариерата на Препелич, кој претходно има настапувано и за Марибор, Домжале, Олимпија, Банвит, Олденбург, Лимож и Левалуа.
Интересно, пред неполни четири години Клемен Препелич беше голема желба и на МЗТ Скопје, трансфер на кој инсистираше тогашниот тренер Змаго Сагадин. Сепак, словенечкиот стратег експресно доби отказ, а со тоа исчезнаа и шансите за ангажман на Препелич, кој непосредно потоа се пресели во редовите на Унион Олимпија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА