Данска ќе се сретне со Србија во третото коло од групата, а селекторот Каспер Хјулманд на вчерашната прес-конференција откри дека гледа и малку подолгорочно. Имено, данскиот кормилар истакна дека повеќе би сакал неговата репрезентација да го избегне второто место во групата и да се пласира во осминафиналето како третопласирана. Причината е јасна, вториот од оваа група во осминафиналето оди на победникот на групата А, што најверојатно ќе биде Германија.
„Ако би можел да бирам, секако дека подобро ќе биде да сме трети отколку втори во групата. Ќе добиеме дополнително време за одмор, но и ќе ја избегнеме Германија. Секако дека би сакале да ја победиме Србија и да бидеме втори во групата, но дури и ако завршиме како трети нема да се жалиме“, изјави Хјулманд.
Шансите Данска да оди како третопласирана репрезентација се сведени на теорија, за такво нешто да се случи ќе им треба реми на мечот со Србија, но и на вториот дуел од групата Словенија да го изненади фаворитот Англија.
„Реми би бил најдобар резултат за нас, но не сакаме да влеземе во меч без желба за победа. Треба да излеземе на терен и да ја добиеме Србија“, порача селекторот на Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА