Македонија денеска од 18 часот ја очекува клучниот натпревар против Португалија во обидот да дојде до следната фаза од Европското првенство 2026.
На задоволство на сите домашни спортски вљубеници на голот на националниот тим повторно се враќа еден од најдобрите голмани во историјата на македонскиот ракомет, Никола Митревски, кој поради мала повреда паузираше на претходниот натпревар со Данска.
А, најславните свои ракометни денови во кариерата Никола Митревски ги мина токму во португалски Порто, каде е се уште вистинска ѕвезда. Во пресрет на мечот со Португалците, гостувајќи на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“, Митревски неизбежно зборуваше и за огромната трагедија која во 2021 година го задеси португалскиот ракомет со трагичната смрт на неговиот тогаш соиграч од Порто, голманот Алфредо Кинтана кој почина на 32-годишна возраст како последица на срцев удар. И тоа, само неколку минути откако се разделија со македонскиот голман по одработен тренинг на својот тим…
Тој момент остави силна трага и кај Митревски и сите Португалци, дополнително потенцирајќи го она најважното – спортот е само игра, победите и поразите се дел од него и треба да ги доживуваме како игра, затоа што животот нема цена која треба да се плати со стресот предизвикан од успехот или неуспехот.
„Не сакам многу да зборувам за тоа, но, кога го споменавте животот…. Само 12-13 часа пред таа трагедија имавме натпревар, победивме и сè беше супер. Или, лично со мене разговараше само три-четири минути пред да се случи сето тоа. Се разделивме, јас заминав на една страна, тој на друга страна и…“ – се потсетува низ солзи Митревски и продолжува:
„Беше тежок период, ужасно тежок за сите нас во клубот. Не би му посакал на никого да го доживее тоа. Но, мораше да се продолжи понатаму. Некако и екипата се зближи повеќе. Некако сите заедно тоа не сплоти. Јас бев таму единствен голман заедно со него и многу ме погоди сето тоа. Сите многу не погоди. Беше ужасна атмосферата и на тренинг и воопшто. Следниот ден требаше да патуваме на Лига шампиони во Брест. Се откажа сè, го откажавме натпреварот. Тренинзи немавме неколку денови за малку да се помине тоа…. Но, останува“.
На крајот, сите ние и навивачи и спортисти и јавност, мора да научиме…
„Сепак, животот продолжува. Краток е и… Мора да научиме дека спортот е само игра. Ми се чини, дека сите ние, и навивачи и ние како да не знаеме да уживаме. Премногу стрес… Со премногу емоции влегуваме на секој тренинг, на секој натпревар. Успеси, неуспеси… А, на крај само животот е важен“ – вели Митревски.
Алфредо Кинтана за португалската репрезентација настапуваше од 2014 година со де неговата прерана смрт во 2021 година. Одигра 56 натпревари на голот на Португалија, а постигна и седум погодоци.
Последната фотографија на португалскиот голман на својот Инстаграм профил беше токму со нашиот репрезентативец и близок клупски соиграч Никола Митревски, со кои си ги заменија дресовите на Португалија и Македонија по настапот на Светското првенство во Египет.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО НИКОЛА МИТРЕВСКИ И СО ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

